Loading...

ПЛАТФОРМА


  • Ние кои сме длабоко загрижени за состојбите во нашата Македонија;
  • Ние кои сме уверени дека се неопходни системски промени;
  • Ние кои не должиме никому ништо и кои не зависиме од тоа кој е на власт;
  • Ние кои сме докажале дека можеме да успееме во нашите области;
  • Ние кои сме обединети околу темелните вредности на нашиот Устав;
  • Ние кои одбиваме да кренеме раце и да си заминеме;
  • Ние си поставуваме задача организирано и обединето да се бориме за подобро;
  • Ние преземаме одговорност и повикуваме на широка граѓанска мобилизација на сите чесни и посветени граѓани, за заедно, со сите демократски средства да туркаме во правец спротивен од постојниот – за конечно – да нѐ биде!
  • Ние се дрзнуваме да замислиме!

Замисли си со нас:

Држава во која законите важат еднакво за сите; систем што овозможува чесен натпревар и наградува способност и знаење, а не партиска лојалност; систем што казнува повреда на законот без оглед на имињата на сторителите; што постои за граѓаните кои ги почитуваат законите и плаќаат даноци, а не систем што им го бере гајлето на прекршителите и неплаќачите; систем што функционира и што обезбедува услуги на граѓаните и бизнисите без фаќање врски, а со кој раководат кадарни и одговорни луѓе.

Вистински луѓе на вистински места!

Партизацијата е главниот виновник за ерозијата на образованието, здравството, правосудството, културата и воопшто – целото општество. Политичкиот колач мора драстично да се намали во корист на граѓаните за точно да се знае каде завршуваат политичките функции и за да има силни институции што постојат заради јавниот интерес. Ова ќе ја намали и политичката поларизација и приодот кон политиката како кон борба на се или ништо.

Гласот на граѓаните не смее да биде условен со пари, вработување или противуслуга. Од почетните вработувања, до менаџерските позиции во јавниот сектор, критериумите мора да бидат базирани на способност и знаење – способни луѓе избрани преку јавен конкурс од независна комисија, наместо луѓе кои зависат од партиските математики.

Систем што е ист и за „нашите” и за „вашите” и за “ничиите”.

Како? За почеток, вработувањето на раководни позиции во јавниот сектор треба да биде низ јавен оглас и конкуренција меѓу најдобрите, без разлика политичката определба и припадност. Понатаму, низ ревизија на процедурите за вработување во јавниот сектор, каде ќе се ангажираат најдобро рангираните. (Правичната застапеност ќе се овозможи со избор на кандидатите од помалку застапените заедници од листата на најдобро квалификуваните кандидати).

Сите да се еднакви пред законот!

Партизацијата оди рака под рака со некадарноста и неказнивоста. Ни треба демократска и просперитетна држава на еднакви, слободни, информирани и гласни граѓани, во која владее правото, еднакво за сите и на целата територија на државата.  Корупцијата е наш непријател и ни ја јаде иднината, и нашата и на нашите деца. Борбата против корупцијата е израз на највисок патриотизам.

Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба прво да се реформираат за потоа да водат јавен и кредибилен процес на евалуација на правосудството, за да ги поттикнат оние што го спроведуваат правото, и казнат оние што ја злоупотребуваат својата позиција и промовираат неказнивост. Потребна ни е вистинска реформа на Кривичниот законик што ќе донесе правда, наместо неказнивост.

Ангажирано граѓанство!

Кревањето раце и апатијата не можат да променат ништо, ниту да казнат некого. Нашите луѓе се успешни кога се во етаблирани системи и држави каде има ред. Затоа, веруваме дека македонските граѓани можат да создадат ваков систем и поредок дома, во својата татковина. Убедени сме дека нашата колективна судбина како граѓанство и држава е пред сѐ во рацете на граѓаните. Граѓанскиот ангажман е сржта на демократијата. Политиката мора да стане отворена за плурализам и натпревар на идеи и визии, кои нема да доаѓаат само од партиите, туку и од самите граѓани, преку различни форми на дејствување, оти – политиката е премногу важна за да им биде препуштена само на партиите.

Медиуми слободни да критикуваат и култура на јавниот говор!

Медиумски политики што ќе донесат развој и промоција на професионалното новинарство и збогатување на медиумската програма. Медиуми – партнери во детекцијата на општествените аномалии, ослободени од притисок во секое време, а особено тогаш кога критикуваат. Јавната дебата треба да биде суштинска размена на визии и решенија на проблемите. Бараме повеќе – што, кога и како, а помалку личен антагонизам и префрлање на одговорноста, преку навреди и лични дисквалификации, што го урнаа нивото на дијалог и во Парламентот и воопшто во јавноста. Општествената поларизација е проблем и во далеку пофункционални демократии, па наша цел мора да биде создавање на атмосфера и простор за конструктивен дијалог, особено за стратешките и најважни општествени прашања.

Евроинтеграции како поддршка на реформите, а не како флоскула за лошо владеење!

Ние целосно ги поддржуваме европските интеграции како неспоредлива помош во реформирањето на земјата, но никако како покритие на лошо владеење. Пристапниот процес со ЕУ има смисла само доколку дома има општествена сила што вистински ќе го имплементира. Промените ќе мора да се случат дома – и промените ќе мора да ги направиме ние! Тоа е наша борба и наша должност. Сведувањето на процесот на преговори на партиски или изборен наратив, на политичка пропаганда или спин, е чиста злоупотреба на децениската заложба на македонските граѓани за вистинска интеграција во Унијата. Да се зборува за Европа како цел и принцип, а дома да се владее со корупција и непринципиелно политичко пазарење е газење на граѓанското достоинство и претставува колективен пораз на заложбите за изградба на модерна демократија во која европските начела се начин на управување, а не декларации за спасување на политички фотелји.

Чиста животна средина!

Да се дише воздух со полни гради, да се јаде здраво од плодни почви, и да се пие вода од чисти извори и реки. „Здраво!“ е поздрав кој секој граѓанин го изустува секојдневно и треба да ни е потсетник што е најважно. Правото на чиста и здрава животна средина е загарантирано со Уставот. „Здравје пред профит“ треба да ни е начело – водилка за успешна имплементација на законодавството од областа на животната средина. Корупцијата е повторно една од главните пречки за (не)имплементација на законите за животна средина. Индустриските капацитети ни се сѐ уште најголемите загадувачи во државата, која е зависна од јаглен за производство на енергија. Транзицијата од фосилни горива кон обновливи извори треба да е правична и државата треба да обезбеди поддршка на граѓаните и домаќинствата кои зависат и се вработени во „загадувачките“ сектори, како рудниците за јаглен. Инвестирање во систем „На секој кров-сончев панел“ да ни биде принцип во кој обичните граѓани ќе можат да заштедат и заработат од енергетската транзиција, наместо да се префрли моќта и профитот од енергетскиот систем кај истите олигарси.

Социјална правда и борба против сиромаштија!

Сиромаштијата е резултат, но оди во прилог на клиентелизмот и партизацијата. Достоинството на секој граѓанин и на сите граѓани заедно е врвна вредност и мора да биде обезбедена! Се залагаме за сеопфатна државна стратегија за борба против сиромаштијата, затоа што нискиот животен стандард и економско-социјалната ранливост ја негираат слободата и достоинството на луѓето, загрозувајќи ја и нивната улога во општеството. Тука одговорност имаат сите актери – властите, стопанските комори и бизнис заедницата, синдикатите и работничките организации, академијата, невладиниот сектор и медиумите. Неопходен е инклузивна и сериозна акција со конкретни чекори кон создавање на државна стратегија за борба против сиромаштија и нејзина имплементација.

Функционален здравствен систем!

Здравствената заштита е право, а не привилегија. Хаосот во македонското јавно здравство е огромен предизвик што бара крупни реформи. Не смее да има никаков простор за партизација во област од која зависи животот и здравјето на македонските граѓани. Од вработувањето на медицинскиот, до именувањето на раководниот кадар, критериумот мора да бидат квалификациите и знаењето. Мора да ги задржиме младите лекари, дома во Македонија. Рационализација на трошењето и системот на јавни набавки се неопходни за здравствениот систем да биде во функција на здравјето на граѓаните.

Квалитетно образование!

“Главната надеж на една нација лежи во образованието” – Еразмус

Покрај нашата цврста заложба против корупцијата и клиентелизмот, кои целосно го разјадоа образовниот сектор, се залагаме за подобрување на основното и средното образование и преку ревизија на наставните програми, развивање на поригорозни механизми за селекција, евалуација и обука на наставниот кадар, како и за повисоки плати и систем за кариерен напредок за наставниците и стипендирање на перспективните ученици.

Ќе притискаме за изградба на систем за поддршка на универзитетите преку градење на нивните капацитети за научна работа и пристап до меѓународни фондови, со посебен акцент на педагошките факултети задолжени за креирање на нов наставен кадар и континуирано обучување на постојниот. Потребна е ревизија на моделот за акредитација на универзитети и научни програми преку менување на Законот за високо образование од 2018.

Неопходно ни е образование кое од една страна ќе ги следи потребите на светските пазари и ќе им овозможи вештини и компетентност на учениците, а од друга страна ќе им изгради критичко размислување и медиумска писменост, градејќи ги во одговорни граѓани со демократски вредности.

Уметност и култура кои воскреваат!

Културата и културните политики не смее повеќе да бидат на маргините на Владата и владините програми. Културата во голема мера ги одредува општествените и национални вредности, таа е промотор на Македонија во странство и треба да биде слободна и финансиски одржлива. Затоа, потребна е значајна државна поткрепа, базирана на инклузивни и транспарентни културни политики, поддршка на младите автори и артисти и меѓународна соработка. Ќе се залагаме за заштита на македонскиот јазик и културно наследство. кои се клучни одредници на македонскиот национален и културен идентитет, за промоција на албанската, турската, српската, влашката и ромската култура, како и за афирмација на нашето меѓуетничко богатство.

Замисли си поинаква Македонија!
Замисли си и помогни!
Замисли си и бори се!
Замисли си и создади!
Замисли си – граѓанска сила!
За држава на граѓаните!
Граѓанска сила за саглам држава!

Приклучи се!

Замисли си поинаква Македонија!


    • EMAIL

      info@solucija.mk
    • АДРЕСА

      Партизански одреди
      бр. 63 стан 304
      1000 Скопје